“Отворен ден” за вработените и нивните семејства по повод Денот на Агенцијата за национална безбедност

Скопје, 31.08.2026 – Како дел од одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност за прв пат беше организиран посебен “Отворен ден” осмислен како можност семејствата на вработените подобро да ја запознаат институцијата во која нивните најблиски секојдневно ја извршуваат својата професионална должност.

Настанот беше организиран во строго дефинирана и контролирана рамка, со целосно почитување на безбедносните протоколи, принципите на доверливост и заштита на класифицираните информации, кои остануваат основа на работата на Агенцијата.

„Денешното одбележување е посветено пред сè на луѓето кои секојдневно ја носат одговорноста на една исклучително чувствителна и значајна професија. Воедно, сакавме на симболичен и внимателно организиран начин да им оддадеме признание и на семејствата на нашите вработени, кои се нивната најголема поддршка“, истакна Директорот на Агенцијата за национална безбедност м-р Бојан Христовски.

Вработените и нивните семејства имаа можност да се дружат во топла и пријатна атмосфера, различна од нивното секојдневие. Преку пригодни содржини, историски и институционални прикази, документарен филм и активности наменети за семејствата, беше претставена улогата на Агенцијата, без навлегување во оперативните аспекти од нејзината работа, а со означување на улогата што ја има денес во системот на национална безбедност.

Работата во безбедносниот сектор подразбира висок степен на одговорност, професионална дисциплина и доверливост, а во голем број случаи и неможност професионалните обврски и предизвици да бидат споделени со најблиските. Токму затоа, Денот на Агенцијата беше можност институцијата да им оддаде признание на вработените, кои својата работа ја извршуваат далеку од јавноста, со висок степен на лична и професионална одговорност, a и на нивните семејствата кои секојдневно стојат до нив.

“Зад секоја силна институција стојат луѓе. А зад сите нив, стои столбот на семејството, како основа врз која се гради стабилна и просперитетна држава”, наведе Директорот Христовски.

mk_MKMK