ВЕСТИ
16.12.2024, СкопјеСоопштение за реализирана заедничка акција
По претходно обезбедени сознанија од страна на Агенцијата за национална безбедност во координација со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи- Биро за јавна безбедност, на 15.12.2024 година, беше спроведена акција на подрачјето на градовите Гостивар и Струга во која беа опфатени и лишени од слобода четири лица, под сомнение дека биле инволвирани во активности поврзани со тероризам. Заради превенција од извршување на терористички активности, АНБ во соработка и преку размена на сознанија со партнерски служби во изминатиов период кон овие лица презеде засилени оперативни мерки и активности. Лицата се идеолошки надоврзани на терористичката организација „Исламска држава/ИСИС“ и во изминатиот временски период преземаа активности за верско-радикална индоктринација на млади лица, како и подготвителни дејствија во врска со изведување на насилни активности кои содржат елементи на тероризам. Во текот на понатамошната постапка, надлежните правосудни органи во координација со Министерството за внатрешни работи, преземаат мерки и активности за спроведување на дополнителни истражни дејствија во однос на предметните лица. Агенцијата за национална безбедност во рамки на своите надлежности и ингеренции за рано превенирање и заштита на безбедноста на државата и граѓаните, останува посветена и континуирано презема сет од мерки и активности, вклучително и за детектирање на on line пропаганда и содржини кои се поврзуваат со меѓународни терористички организации и имаат за цел регрутирање, инспирирање или поттикнување на тероризам. Современите безбедносни закани ја потенцираат важноста од соработка со домашни и странски партнерски институции, а Агенцијата останува посветен и кредибилен партнер во насока на превенирање и попречување на закани по националната безбедност.
Прослава по повод одбележувањето на 1 Септември, Денот на Агенцијата за национална безбедност
По повод одбележување на четиригодишнината од формирањето на Агенцијата за национална безбедност, на 1 септември 2023 година беше одржана свеченост за вработените на АНБ. На свеченоста се обрати директорот Зарко Милошевски при што на присутните им го честиташе Денот на АНБ и им оддаде признание за нивната посветеност и придонесот што секојдневно го даваат за одржување на националната, а со тоа и на регионалната и глобалната безбедност. Директорот Милошевски додели и благодарници и признанија на работниците и организациските единици кои забележаа најголем успех во работата во текот на изминатата година.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Министерството за правда
На 03.08.2023 година, во просториите на Министерството за правда, Директорот на Агенцијата за национална безбедност, г-дин Зарко Милошевски и Министерот за правда, г-дин Кренар Лога, потпишаа Меморандум за соработка. Со овој Меморандум, Агенцијата за национална безбедност и Министерството за правда ја потврдија заедничката заложба за меѓусебна соработка заради ефикасно спроведување на надлежностите утврдени со закон во процесот на заштита на националната безбедност на државата. Во таа насока двете страни изразија подготвеност за унапредување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, меѓу кои размена на податоци и информации од надлежност на двете институции, размена на искуства во примената на начелото за владеење на правото и заштита на човековите права согласно меѓународните документи на ОН, Советот на Европа и Европската Унија, како и соработка при изготвување значајни стратегиски документи од областа на безбедноста.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Врховен суд на Република Северна Македонија
На 08.08.2023 година, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски и претседателот на Врховен суд на Република Северна Македонија Беса Адеми потпишаа Mеморандум за соработка. Со Mеморандумот се потврдува заедничката заложба за воспоставување непосредна соработка заради ефикасно спроведување на надлежностите утврдени со закон во процесот на откривање и спречување на активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Министерството за финансии – Царинска Управа
На 01.08.2023 година Агенцијата за национална безбедност претставувана од директорот Зарко Милошевски и Царинската Управа претставувана од в.д директорот Стефан Богоев потпишаа Mеморандум за соработка заради ефикасно спроведување на надлежностите утврдени со закон насочувајќи ги своите напори кон поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес во процесот на заштита на националната безбедност. Со овој Mеморандум двете Договорни страни изразија подготвеност за соработка по пат на размена на податоци, информации и искуства од делокругот на работа на двете институции.
Соопштение за реализирана работна средба со Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР во просториите на Агенцијата за национална безбедност
Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, денеска оствари посета на АНБ каде пратениците пројавија интерес за актуелната безбедносна состојба, за приоритетите и стратегијата за развој на Агенцијата за национална безбедност. Директорот на Агенцијата и неговите соработници детално ги информираа пратениците за активностите на АНБ поврзани со попречување на радикализам и екстремизам, заканите од тероризам, сајбер заканите, како и за активностите поврзани со откривање на тешки облици на организиран криминал и заштита од активноста на странски разузнавачки служби. Пратениците посебен интерес пројавија за системите „Пегасус“ и „Предатор“ при што од директорот на Агенцијата беа дадени целосни информации дека во Македонија, ниту АНБ, ниту било која друга државна институција не располага со такви софтверски системи. АНБ нема информации за тоа дека поединци, компании или политички партии располагаат со такви системи. Инаку, сѐ уште недостасува доволен број на кадри и техничка опрема за навремено попречување на обиди за користење на вакви софтверски системи од странство. Во однос на безбедносните проверки поврзани со издавање безбедносни сертификати, пратениците инсистираа да се почитуваат законските рокови за овој процес да се одвива позабрзано. Комисијата ги поддржа стратешките приоритети за кадровско зајакнување, модернизација (дигитализација и сл.), како и забрзување на процесите за обезбедување услови за просторно сместување со цел просторно одделување од МВР и зајакнување на кадровските потенцијали, како што е полиграфското тестирање и тестот за интегритет согласно Законот на АНБ. Комисијата смета дека треба да се развива и унапредува безбедносниот систем и во таа насока неопходно е да се направи промена во законите се со цел службите за безбедност да можат успешно да ги извршуваат сложените безбедносни задачи.
Соопштение за реализирана заедничка акција
На ден 12.05.2023 година Агенцијата за национална безбедност во соработка со Министерството за внатрешни работи на РСМ, реализираше заедничка акција за лишување од слобода на три лица македонски државјани, кои во текот на 2014 година на територија на Сирија се приклучиле во вооружените формации на терористичката организација Исламска држава, ИСИС и како борци учествувале во воените дејствија, кривично дело опфатено во член 322 од Кривичниот законик на РМ. Лицата опфатени во акцијата беа предмет на заеднички активности на повеќе партнерски безбедносно разузнавачки служби во рамки на глобалната борба против тероризмот, при што две лица се лишени од слобода на територијата на РСМ, а едно лице по објавена меѓународна потерница на Интерпол со истовремена синхронизирана активност беше лишено од слобода на територијата Р. Франција.
Соопштение за реализирана средба помеѓу директорот на АНБ и амбасадорката на САД
На 21.03.2023 во просториите на Агенцијата за национална безбедност, директорот Зарко Милошевски оствари работна средба со амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер. На средбата беше разговарано за актуелните безбедносни закани, ризици и предизвици со кои се соочува земјата и регионот. На средбата, директорот Милошевски изрази голема благодарност за поддршката која Соединетите Американски Држави, како стратешки партнер континуирано ја даваат за зајакнување на националната и регионалната стабилност. Исто така потенцираше дека унапредувањето на билатералната соработка на безбедносен план значајно ќе придонесе во идентификување на директните и хибридните закани насочени против националните интереси на државата. Амбасадорката Агелер истакна дека Владата на Соединетите Американски Држави ќе продолжи со силна поддршка на државата, при што потенцираше дека сојузништвото во рамки на НАТО и стратешкиот дијалог меѓу двете земји, ќе дадат особен придонес во справувањето со актуелните безбедносни предизвици во насока на зачувување на мирот и стабилноста во национален, регионален и глобален контекст.
Соопштение за одржана средба на директорско ниво во Скопје
На 30.01.2023 година во Скопје, беше реализирана работна средба меѓу директорите на двете Агенции, г-динот Пламен Тончев, претседател на Државната Агенција “Национална сигурност“ од Република Бугарија и г-динот Зарко Милошевски, директор на Агенцијата за национална безбедност на Република Северна Македонија. Двајцата колеги ја потврдија неопходноста од блиска и динамична соработка меѓу двете Агенции и се согласија дека унапредувањето на билатералната соработка преку навремена размена на информации ќе придонесе за зачувување на националната и регионалната стабилност. На средбата главен акцент беше ставен на безбедносната состојба, во пресрет на чествувањето на 151 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а во таа насока беше потенцирано дека спротивставувањето со актуелните закани, ризици и предизвици со кои се соочуваат двете држави и понатаму ќе останат на врвот на агендата на двете Агенции. Заеднички беше заклучокот дека двете Агенции во рамки на нивните надлежности ќе ги преземат сите неопходни мерки и активности за безбедно одвивање на настанот на 04.02.2023 година во Скопје.
Потпишан Меморандум за соработка, координација и размена на информации за ефикасна и ефективна примена на одредбите на Законот за рестриктивни мерки
Согласно Законот за рестриктивни мерки, а со цел остварување на поблиска соработка и координација, како и комуникација и размена на податоци и информации, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Агенцијата за разузнавање, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, на 05.09.2022 година потпишаа Меморандум за соработка, координација и размена на информации за ефикасна и ефективна примена на одредбите на Законот за рестриктивни мерки. Со овој Меморандум, потписниците ја потврдија заедничката заложба за градење на ефективен и ефикасен систем во примената на меѓународните рестриктивни мерки, врз основа на начелата на законитост, непристрасност и независност, професионалност и стручност во постапувањето.
Обраќање на Директорот Виктор Димовски на свеченоста по повод 1-ви Септември, Денот на на Агенцијата за национална безбедност
„Дозволете ми најнапред во мое лично име и во името на сите вработени да Ви посакам срдечно добредојде на одбележувањето на 1-ви септември, Денот на Агенцијата за национална безбедност. Важно е што сме денеска во толку голем број овде. Исто како што е важно што годишнината од основањето на Агенцијата ја прославуваме со многу позитивни бележја. Тоа е најдобар доказ дека ги постигнуваме целите на реформирањето на безбедносните служби и го издигнуваме меѓусекторското работење на нивото долично за една НАТО членка. Денес, кога ја одбележуваме третата годишнина од основањето со задоволство можам да констатирам дека Агенцијата за национална безбедност продолжува со успех да се носи со предизвиците кон националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот. Во изминатиот едногодишен период посветено работевме на финализирање на отпочнатите реформски приоритети, со целосно почитување на уставната и законска рамка и со доследна примена на високите НАТО стандарди, потврдувајќи ја репутацијата на професионална, независна и отчетна институција. Постигнувањата на Агенцијата пред сé се должат на стратешката заложба за развој на нашите капацитети, како кадровски, така и технички - заложба на која ќе продолжиме да работиме и во иднина. Агенцијата станува пример за симбиоза на искуството на колегите со долгогодишни кариери, и енергијата на младите и способни луѓе и технологии. А тоа е секогаш успешен рецепт за напредок. Како релативно млад сервис особено внимание посветивме на кадровското обновување на составот и во овој контекст нескриено е задоволството од брзото и успешно вклопување во работните процеси на првата генерација селектирани припадници од редот на најдобрите студенти од универзитетите. Не помалку важни беа мотивираноста, посветеноста и професионалниот ангажман на вработените, па оттука, инвестирањето во нивниот личен и стручен развој останува еден од нашите приоритети. Преку унапредување на знаењата, вештините и компетенциите на вработените, се носиме рамо до рамо со современите безбедносни текови. Во изминатиот период бевме сведоци на турбулентни општествено-политички промени на внатрешен, регионален и глобален план кои резултираа со зголемени ризици и закани по националната и меѓународната безбедност. Се соочивме со воена инвазија за која демократскиот свет сметаше дека е оставена во минатото од чии грешки се учеа лекции. Руската инвазија врз Украина предизвика сериозни импликации во повеќе сфери и на повеќе нивоа, на што не остана имуно ниту македонското општество. Во тој контекст е и справувањето со дезинформациите и хибридните дејствија кои остануваат во фокусот на нашето внимание, имајќи го предвид разорното и деструктивно дејство и долгорочните последици врз демократските процеси. Нашата стратешка определба за интегрирање во Европската Унија, и носењето на компромисни политички одлуки беше искористена како повод за деструктивни сили кои се обидуваат да ја нарушат стабилноста и безбедноста. И токму благодарение на таа одлична меѓуресорна координација и соработка, овој обид остана токму тоа.„само обид“ Токму поради ова напоменав на почетокот на ова мое обраќање, дека е важно што сме тука и заедно. Професионалните стандарди и оваа соработката секогаш ќе бидат надмоќни врз било кој деструктивен обид чија цел е тоа да се разниша. Агенцијата успешно одговори и на други безбедносни предизвици, од кои добар дел со транснационален карактер. Спречување на илегалната миграција и делување на организирани криминални групи, обезбедување на безбеден прифат на цивилното население од Авганистан, спречување на одделни случаи на шпионажа, хибридни закани и пропагандно делување во насока на поттикнување одредени несакани процеси и дестабилизација се дел од нашата активна работа изминатава година, со која се обезбедуваше стабилноста и безбедноста на граѓаните. Почитувани присутни, Кога станува збор за спротивставувањето на современите предизвици би сакал да потенцирам дека во нашата мисија не сме сами. Глобалноста на заканите налага заеднички меѓуинституционален и меѓудржавен одговор. Тоа подразбира одржување на високо ниво на координација со безбедносно-разузнавачката заедница во РСМ, на ниво на сите сојузници во НАТО како и со партнерските безбедносни служби од земјите членки на ЕУ. За крај, дозволете ми да заокружам. Клучот на успехот е во напорната работа, посветеноста и одлучноста, независно од пречките и предизвиците. Достигнувањата на една организација се резултат на заедничкиот напор на секој поединец тука, и на уште многумина без чиј труд не би говореле со толкава гордост на денешната прослава. Оттука, дозволете уште еднаш да го честитам денот на АНБ, и да го искажам моето уверување дека сме на вистинскиот пат, раснеме во уште посовремена, модерна агенција – која е видливо вистински столб на безбедноста на нашата државата.“
Албум со фотографии од свеченоста
Обраќање на првиот заменик-претседател на Владата Груби
Обраќање на министерката Петровска
Обраќање на директорот Димовски
28.05.2022, СкопјеОбраќање на Директорот на АНБ на меѓународната трибина на тема „Кривично-правна и прекршочна заштита на вработените во МВР, АНБ, АР и УФП“ по повод прославата „30 години Македонски полициски синдикат“
Почитуван/и, Претседател на Македонски полициски синдикат, Марјан Кицев, членови на Владата, МВР-МП, Директор на УФП, Арафат Муареми, претставници на Здруженијата на судии и јавни обвинители, Претседател на Советот на Европски полициски синдикат. Почитувани присутни, Дозволете ми на почетокот да ја изразам мојата благодарност за поканата и можноста за учество на денешната трибина, и воедно да го честитам значајниот јубилеј 30 години постоење на МПС. Во АНБ, и покрај спецификите поврзани со природата на работата, се посветува особено внимание на заштитата на правата на вработените, и во тој контекст на кривично-правната и прекршочната заштита. Во краткиот период од формирањето, пред повеќе од две и пол години, имаме исклучително добра и плодна соработка со МПС. МПС беше целосно вклучен во еден од првите чекори при формирањето на АНБ, процесот на селекција на вработените. Конструктивната соработка продолжи и при преговорите за усогласување на текстот и потпишување на колективниот договор, за кој постои споделена оценка дека е најповолен од постојните колективни договори по поглед на заштита на синдикалните права на вработените во АНБ. Соработката со синдикалните репрезенти продолжи во сите сегменти од обостран интерес, токму онака како што е дефинирано со одредбите од колективниот договор. Во контекст на темата на денешната трибина „Кривично правната и прекршочната заштита на вработените во АНБ“, можам да кажам дека истата формално правно е уредена на ист начин како и за вработените во МВР и АР, секако водејќи сметка за спецификите со законската поставеност на Агенцијата и нејзината првенствено превентивна функција. Во колективниот договор е утврдена постапката по приговор (во контекст на заштитата на правата од работен однос), односно приговор до органот надлежен за одлучување во втор степен, како и можноста за поведување спор пред надлежен суд. Во овој дел особено се нагласени обврските за итност на постапката, како и врачување на сите одлуки за правата и обврските од работен однос во писмена форма. Заштитата на правата на работниците согласно со колективниот договор ја вклучува и обврската за одговорност на Агенцијата за причинета штета кон поединци и правни лица, а која работникот на АНБ евентуално би ја предизвикал при преземање на службени дејствија. Воедно, предвидена е и бесплатна правна помош во случај кога против работникот е поведена кривична или прекршочна постапка, а во врска со преземени активности во вршењето на работата. Не помалку важно, иако не е целосно поврзано со темата, синдикалните претставници се вклучени во работата на сите комисии кои одлучуваат за правата од работен однос, како и за обврската за задолжително информирање на синдикатот и работниците за сите евентуални активности кои би можеле да се рефлектираат на правата од работен однос. Дозволете ми, пред да завршам, да го изразам задоволството од досегашната соработка со синдикалните преставници и воедно да ја искажам подготвеноста и отвореноста за соработка со синдикатот во насока на натамошно предвидување на поголема заштита на работниците во случај на поведена кривична или прекршочна постапка за дејствија во врска со работата, посебно доколку такви одредби или практики постојат во земјите членки на НАТО алијансата, во која членуваме, и на ЕУ, кон која се стремиме, и со која се надевам дека конечно ќе бидеме во можност да ги отпочнеме пристапните преговори.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Министерството за информатичко општество и администрација
Агенцијата за национална безбедност, претставувана од Директорот, д-р Виктор Димовски и Министерството за информатичко општество, претставувано од Министерот, м-р Адмирим Алити, во насока на потврдување на заедничката заложба за вопоставување на непосредна соработка во функција на заштита на националната безбедност на државата, на 18 април 2022, во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација, потпишаа Меморандум за соработка. Овој Меморандум претставува основа за унапредување на алатките со цел правовременост и ефикасност во остварувањето на надлежностите на Агенцијата и Министерството преку користење на платформи за електронска размена на податоци и документи, соработка во доменот на стручното оспособување и усовршување на професионалните кадри, размена на искуства за соработка со институции и организации на Европската унија за искористување на средствата за зајакнување на капацитетите, размена на искуства во примената на информатичките технологии и информатичката безбедност, и воспоставување и надградување на ресурсите за сајбер безбедност.
Потпишан Меморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет
На 29.03.2022 година, Владата на Република Северна Македонија-Национален комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, потпиша Меморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет со Министерството за надворешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Министерството за одбрана, Агенцијата за млади и спорт, Националната академска истражувачка мрежа, Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Македонски Телеком АД Скопје и А1 Македонија ДООЕЛ Скопје. Договорните страни на овој Меморандум ја изразија својата спремност за соработка во делот на преземање на сите потребни мерки за ефикасна борба против феноменот на радикализацијата преку интернет.
Соопштение за медиуми
Во врска со пројавениот интерес во дел од медиумите за безбедносните сертификати на лицата поврзани со случајот со приведувањето и одредување екстрадициски притвор на Миле Миленкоски во Р.Србија по црвена потерница од страна на Интерпол, Агенцијата за национална безбедност ја доставува следната информација. Постапката за добивање на безбедносни сертификати се спроведува во рамките на строго законски определена постапка и истата започнува со поднесување барање за издавање на безбедносен сертификат до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во согласност со чл.45 од Законот за класифицирани информации. На барање на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (чл.53 од Законот за класифицирани информации) Агенцијата за национална безбедност (чл.4 и чл.8 од Законот за АНБ) врши безбедносни проверки за лица заради утврдување на безбедносни пречки за издавање на безбедносен сертификат за користење на класифицирани информации. Од извршената ревизија на постапките за спроведени безбедносни проверки е констатирано дека од денот на формирањето на Агенцијата за национална безбедност на 1 Септември 2019 година до 27 Август 2021 година, денот на приведувањето на М. Миленкоски, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации нема доставено барање за спроведување на безбедносни проверки, ниту за Миленкоски, ниту за останатите две лица споменати во медиумите. Воедно е утврдено дека од трите споменати лица, важечки безбедносен сертификат до денот на задржувањето во Србија имал само Миле Миленкоски и истиот е издаден врз основа на извршена безбедносна проверка од втор степен од страна на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање на 9 февруари 2019 година. За останатите две лица е утврдено дека не располагаат со важечки безбедносни сертификати. Воедно, не се вистинити ниту информациите во некои од медиумите дека било која од останатите засегнати институции во земјата до денот на притворањето на М. Миленковски во Р. Србија, доставиле информација до Агенцијата за национална безбедност за наведениот случај. Агенцијата за национална безбедност поаѓајки од своите законски надлежности, а согласно барањето за ревизија на издадениот безбедносен сертификат налицето Миле Миленкоски доставено на почетокот од овој месец презеде соодветни активности за преиспитување на исполнетоста на условите утвредни од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање и за одземање на безбедносниот сертификат на горенаведеното лице. Агенцијата и во наредниот период, како и десега, ќе продолжи за сите сознанија поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата да ги информира со закон утврдените субјекти. Сите останати прашања поврзани со статусот, третманот и натамошно процесуирање на лицата инволвирани во горенаведениот случај се во надлежност на со закон утврдени институции во Република Северна Македонија.
Обраќање на Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност на свеченоста по повод одбележувањето на денот на Агенцијата за национална безбедност
Почитуван Претседателе, г. Стево Пендаровски, почитувани членови на Владата, почитувани претставници, вонредни и ополномоштени амбасадори во нашата земја, почитувани колеги, дами и господа, Најнапред, дозволете ми во свое лично име и во име на сите вработени во Агенцијата за национална безбедност да Ви посакам срдечно добредојде на одбележувањето на 1-ви септември, Денот на Агенцијата за национална безбедност. Денес, со задоволство можам да истакнам дека Агенцијата согласно целта за која е основана, веќе две години успешно ги штити националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот. Свесни за нашата улога во безбедносно-разузнавачката заедница продолжуваме посветено да работиме на реформските процеси, согласно највисоките НАТО стандарди, со цел наше натамошно усовршување и овозможување на брз и ефикасен одговор на ризиците и заканите по безбедноста на државата и на граѓаните. Сето ова, во услови на пандемија со Ковид-19 беше и сѐ уште останува вистински предизвик, не само заради потребата за заштита на здравјето на вработените, туку и за навремено превенирање и попречување на сите безбедносни закани и ризици кои во „новата реалност“ добија нови форми и димензии. Во вакви отежнати услови, Агенцијата продолжи да ги зајакнува своите капацитети, градејќи се како модерна, професионална, независна и отчетна институција која постапува согласно законската регулатива, високите етички и професионални стандарди. Во таа смисла, во текот на изминатата година работевме на доусогласување и доусвојување на неопходните подзаконски и интерни акти; кадровското доекипирање и стручно усовршување на постојниот и новиот кадар; склучување меморандуми за соработка со органи на државната власт и домашни универзитети и учествувавме во работењето на владини тела и работни групи, надлежни за прашања од националната безбедност. Денешниов празник е можност да искажеме благодарност на Владата, која и покрај исклучителните тешкотии со кои се соочува во периодот кога треба да се надминат последиците од пандемијата, изнајде можност и со ребалансот на Буџетот одреди финансиски средства со што ќе се овозможи конечен трансфер во новите простории како дел од реформскиот процес. На планот на кадровска обнова, со задоволство и со гордост би сакал да истакнам дека првата група од десет најдобри студенти на нашите универзитети, првенци на генерација, веќе започна со работа во АНБ. Воедно, големо е задоволството и поради можноста по повод празникот да ги промовираме и новите службени легитимации за припадниците на Агенцијата. Во изминатиот едногодишен период Агенцијата продолжи да ја јакне и продлабочува соработката со странски партнерски и безбедносни разузнавачки служби, пред сѐ од земјите членки на НАТО и ЕУ, како респектабилен партнер и значаен чинител за регионална и поширока глобална безбедност. Во вакви отежнати услови, Агенцијата продолжи да ги зајакнува своите капацитети, градејќи се како модерна, професионална, независна и отчетна институција. Сметаме дека во изминатиот период успеавме да израснеме како кредибилен партнер и во рамките на меѓународната билатерална и мултилатерална соработка, посебно во форумите и телата на НАТО алијансата во која сме член од март минатата година. На крај, дозволете ми уште еднаш на сите Вас да се заблагодарам што и во услови на пандемија нѐ почестивте со Вашето ценето присуство, а на моите колеги од Агенцијата за национална безбедност да им го честитам Денот на нашата Агенција. Ви благодарам!
Обраќање на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска Јанковска на свеченоста по повод одбележувањето на денот на Агенцијата за национална безбедност
Обраќање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на свеченоста по повод одбележувањето на денот на Агенцијата за национална безбедност
Соопштение за одржана директорска средба во Љубљана, Словенија
На 27.05.2021 година во Љубљана, Р.Словенија беше одржана средба помеѓу Агенцијата за национална безбедност на Р.С.Македонија и Словенечката безбедносно-разузнавачка агенција на Р.Словенија - SOVA на директорско ниво. Средбата беше реализирана на иницијатива на SOVA со цел зајакнување на соработката помеѓу двете партнерски служби во пресрет на претседавањето на Република Словенија со Советот на Европската Унија. На средбата беа разменети сознанија за предизивиците со кои се соочуваат двете служби и реализираните активности на планот на заштита на националниот интерес на двете држави. Воедно, беа договорени конкретни активности и натамошни средби помеѓу претставници на двете служби на експертско ниво заради продлабочување на соработката на билатерален, регионален и мултилатерален план. Директорот на SOVA, Јанез Стушек упати официјална покана до Директорот на АНБ, Виктор Димовски, за учество на состанокот на Counter-terrorism Group (CTG) во септември 2021 година на која ќе бидат поканети директорите на безбедносните институции на земјите од Западен Балкан за време на словенечкото претседавање со Советот на Европската Унија.
Соопштение за онлајн предавање на Директорот на АНБ Виктор Димовски
На ден 28.04.2021 година, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, одржа онлајн предавање на тема „Местото и улогата на Агенцијата за национална безбедност во безбедносниот систем на Република Северна Македонија“ за професорите и студентите од Факултетот за безбедност - Скопje. Во своето обраќање Директорот Димовски говореше за законската рамка за работата на Агенцијата, како и безбедносните ризици и закани со кои се соочува Агенцијата во денешните сложени околности. Слушателите имаа можност во директна комуникација со Директорот Виктор Димовски да поставуваат прашања и да се информираат за надлежностите и методите на работа на Агенцијата, како и за активностите како дел од безбедносниот систем на НАТО по зачленувањето во Алијансата. Предавањето предизвика голем интерес за што сведочи и бројот од преку 160 присутни слушатели. Повеќе информации на следниот линк.
Соопштение за медиуми
Во врска со пројавениот интерес во јавноста за постапувањето на Агенцијата за национална безбедност во случајот со определување на мерката притвор на лицето Јордан Камчев на 14.03.2021 година, информираме дека АНБ во рамките на своите надлежности согласно член 6, а во врска со член 4 од Законот за АНБ, достави до надлежното Јавно Обвинителство информација за добиени сознанија за преземени подготвителни активности за бегство на именуваниот во странство, а поврзани со тековните постапки кои Обвинителството ги води против него. Согласно наведените одредби доколку постојат основи на сомневање дека се подготвува, организира или е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Агенцијата е должна веднаш да го извести надлежното Јавно Обвинителство. Со оглед на тоа што против именуваниот се води истражна постапка, заради постоење основано сомнение за сторено кривично дело од член 273 од Кривичниот законик, надлежното Јавно Обвинителство достави предлог за определување мерка притвор, а судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд - Скопје го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање
Водени од потребата за меѓусебна соработка заради заштита на националната безбедност на државата, д-р Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност и Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање, на 10 февруари 2021 година, во просториите на Агенцијата за разузнавање во Скопје, потпишаа Меморандум за соработка. Овој Меморандум претставува основа за соработка и размена на податоци и искуства со цел зачувување на суверенитетот, самостојноста, територијалниот интегритет и уставниот поредок на Република Северна Македонија, размена на податоци за актуелни политички и безбедносни состојби на регионално ниво, размена на искуства во примената на информатичките технологии, информатичката безбедност и криптозаштитата, размена на искуства за соработката со меѓународни институции и организации, соработка во доменот на стручното оспособување и усовршување и користење на стручни кадри, реализација и учество на специјализирани обуки, како и организирање на настани од интерес на двете институции со цел промовирање на заедничките активности и достигнувања.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје
На 10 февруари 2021 година, во просториите на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје, Агенцијата за национална безбедност, претставувана од директорот, д-р Виктор Димовски и Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје, претставуван од Ректорот, проф. д-р Томе Неновски, потпишаа Меморандум за соработка. Со овој чин, Агенцијата и Универзитетот го потврдија заедничкиот интерес за воспоставување и унапредување на меѓусебната соработка во научно-истражувачка и апликативна дејност, размената на знаења и искуства во повеќе области, давање на меѓусебна експертска помош во изработка на значајни стратегиски документи од областа на безбедноста, користење на стручна литература од библиотечните фондови, организација и учество на обуки, тркалезни маси, дебати, конференции и други настани од заеднички интерес, како и соработка во процесот на профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот, за потребите на Агенцијата.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје
На 09 февруари 2021 година, во просториите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, потпишан е Меморандум за соработка помеѓу директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, проф. д-р Азиз Положани. Агенцијата и Универзитетот, преку потпишување на овој Меморандум, го потврдуваат заедничкиот интерес за воспоставување и унапредување на меѓусебната соработка, особено во делот на размена на знаења и искуства во повеќе области, давање на меѓусебна експертска помош, организација и учество на разни настани од заеднички интерес, соработка при изработување на значајни стратегиски документи од областа на безбедноста, како и соработка во областа на стипендирањето и доделувањето на школарини со цел профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот, за потребите на Агенцијата.
Учество на Директорот на Агенцијата за национална безбедност на Меѓународна конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам
На 10 декември 2020 година, Директорот на АНБ, Виктор Димовски, учествуваше на онлајн Меѓународната конференција за спречување на перење пари и финансирање тероризам, организирана од германската високообразовна установа – ХАЈДЕЛБЕРГ, Институт за бизнис и менaџмент Скопје, во соработка со Академијата за банкарство и информатичка технологија – АБИТ Скопје, на тема „Влијанието на Ковид - 19 врз напорите од страна на владата и приватниот сектор во борбата против перење пари и финансирање на тероризам“. Во своето обраќање, помеѓу другото, директорот Димовски истакна дека основен предизвик за институциите е навременото препознавање на ризиците и заканите кои можат директно или индиректно да влијаат врз националната безбедност. „Искуствата во глобален и домашен контекст покажуваат дека учесниците во криминалните и терористичките активности брзо се адаптираат на новите околности наметнати од пандемијата и нивно искористување за остварување на своите цели. Оттука, неопходно е координирано и синхронизирано фунцкионирање на сите институции во системот“, подвлече В.Димовски.
Онлајн предавање на Директорот на Агенцијата за национална безбедност пред студентите на Факултетот за безбедност – Скопје
На ден 10 декември 2020 година, Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, на покана на Факултетот за безбедност – Скопје при Универзитетот “Св.Климент Охридски” – Битола одржа онлајн предавање пред студентите на тема: “Агенцијата за национална безбедност и безбедносните ризици во РСМ”. Во своето обраќање Димовски зборуваше за законската поставеност на АНБ како нов безбедносен чинител во безбедносниот систем на земјата, нагласувајќи ја превентивната улога на Агенцијата во сеопфатното справување со ризиците и заканите по националната безбедност. Директорот Димовски се осврна и на актуелните безбедносни предизвици со кои нашата земја се соочува, вклучуваќи ги и повремените заострувања на односите на геополитички план, глобалниот растечки тренд на меѓународен тероризам, повремени манифестации на верски, национален и идеолошко-политички екстремизам, сериозниот и организран криминал и висока корупција и пролиферацијата на оружје за масовно уништување. Дел од предавањето се однесуваше и на актуелните ризици по јавното здравје предизвикани од пандемијата, како и брзорастечкиот тренд на хибридните и сајбер закани.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Централниот регистар на Република Северна Македонија
На 02 декември 2020 година, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија Марија Бошковка Јанковски, во седиштето на Агенцијата за национална безбедност потпишаа Меморандум за соработка. Со Меморандумот се уредуваат односите помеѓу двете страни потписнички, при прибавување на податоци, со цел откривање и спречување на активности поврзани со безбедносните закани и ризици за националната безбедност на државата. Меѓусебната соработка ја опфаќа размената на податоци и информации кои се водат во регистрите на давателот на податоци и корисникот на податоци, со цел унапредување и развој на соработката и поефикасно и поефективно остварување на законските надлежности на двете институции.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за цивилно воздухопловство
На 05 ноември 2020 година, во просториите на Агенцијата за цивилно воздухопловство во Скопје, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност, претставувана од директорот, д-р Виктор Димовски и Агенцијата за цивилно воздухопловство, претставувана од директорот д-р Томислав Тунтев. Преку овој Меморандум, Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за цивилно воздухопловство, ја изразуваат својата подготвеност за воспоставување на меѓусебна соработка и давање на поддршка со цел размена на искуства, знаења и меѓусебна стручна помош во постапките и активностите кои се однесуваат на безбедноста и сигурноста во воздушниот сообраќај, обезбедување на највисоки безбедносни стандарди, како и размена на искуства во подготвување на програми за вежби и едукација на кадри и персонал во областите од заеднички интерес.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот во Тетово
На 04 ноември 2020 година, директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски и ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети, во седиштето на Универзитетот во Тетово потпишаа Меморандум за соработка. Со потпишувањето на овој Меморандум, се потврдува заедничкиот интерес на Агенцијата и Универзитетот за воспоставување и унапредување на меѓусебната соработка заради ефикасно спроведување на надлежностите утврдени со Закон, како и за намерата за поттикнување и афирмирање на заложбите за размена на знаења и искуства во повеќе области, преку давање на експертска помош, заедничко учество на разни настани од заеднички интерес, соработка при изработување на значајни стратегиски документи од областа на безбедноста, како и давање препораки за профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот, за потребите на Агенцијата.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Националиниот координативен центар за гранично управување
На 6 oктомври 2020 година, во просториите на Агенцијата за национална безбедност, директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски и националниот координатор за гранично управување, д-р Владимир Пивоваров, потпишаа Меморандум за соработка. Потпишувањето на овој Меморандум има за цел подобрена и забрзана размена на податоци кои се од значење за интегрираното гранично работење и поефикасно и поквалитетно извршување на надлежностите во доменот на заштитата на националната безбедност. Со овој Меморандум ќе се обезбеди развој, ефикасно управување, користење и оперативно работење на Системот за размена на податоци, високо ниво на заштита и безбедност при негово користење и поврзување со други информатичко-комуникациски системи, високо ниво на размена на податоци од значење за Интегрираното гранично управување, непречено користење на услугите и размена на податоците помеѓу корисниците на Системот, вршење на поквалитетна гранична контрола на граничните премини и обезбедување на државната граница, како и соработка во доменот на стручното оспособување и усовршување и мобилност на кадар.
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип
На 24 септември 2020 година, во Ректоратот на Универзитет „Гоце Делчев”-Штип, директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев”- Штип, проф. д-р Блажо Боев, потпишаа Меморандум за соработка. Овој Меморандум претставува основа за воспоставување и унапредување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, преку поттикнување и афирмирање на размена на знаења и искуства, давање на заемна експертска помош, учество на настани како тркалезни маси, дебати, конференции и слично и укажување на меѓусебна поддршка во насока на усовршување и профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот, за потребите на Агенцијата.
Интервју на директорот Виктор Димовски за МИА
Во периодот пред нас една од клучните задачи ќе биде финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект, како и кадровско доекипирање, континуирана кадровска обнова и соодветна обука за делување согласно високите НАТО стандарди. Не помалку важно е техничкото доопремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани во услови на исклучително динамичен техничко – технолошки развој, потенцира директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовскиво интервју за МИА, по повод една година од работата на АНБ. При реализација на кадровското доекипирање, наведува, ќе се води сметка и за соодветна и правична етничката и родовата припадност, но пред се со почитување на критериумите за стручност и компетентност. Во интервјуто за МИА, Димовски говори и за императивот на АНБ – создавање безбедна средина, при што истакнува дека по полноправното членство во НАТО, АНБ стана составен дел и рамноправен партнер на безбедносно разузнавачкиот сегмент на Алијансата. – Во овој период има(в)ме стабилна безбедносна состојба во земјата, вели меѓу другото Димовски. За „бомбите”, кои се објавуваат и за власта и за опозицијата во текот на предизборната кампања вели дека анализата на тие материјали покажува дека се работи за документирана комуникација од временски период пред отпочнувањето со работа на АНБ и дека истите не потекнуваат од примена на институционални мерки. Сепак, додава тој, со оглед на местото и улогата на Агенцијата во безбедносниот систем останува да се утврди потеклото и начинот на обезбедување, како и обврската да се оневозможи каква било примена на вакви активности надвор од законот во иднина. Говори и за потребата од, како што подвлекува, реална потреба од планско инвестирање, и во кадар, и во опрема, и во обуки…, за соработката со странски безбедносни сервиси, пред се од земјите од непосредното и пошироко соседство, за спроведувањето на полиграфското испитување и тест за интегритет и за други прашања поврзани со делувањето на АНБ. Во продолжение следува целото интервју со Виктор Димовски: Една година од функционирањето на Агенцијата за национална безбедност.Кoлку сте самостојни, и како работите, бидејќи агенцијата беше една од клучните реформи во безбедно-разузнавачкиот систем на патот на земјата кон ЕУ? – Во рамки на темелните структурни реформи на безбедносно разузнавачкиот систем основањето на Агенцијата за национална безбедност имаше за цел надминување на слабостите од минатото и создавање кредибилен и ефикасен субјект како дел од системот за заштита на националната безбедност.Со отпочнувањето со работа на Агенцијата точно пред една година беше направен последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја со кој Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно замина во историјата.Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 беше формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА).Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Формирана по урнек на модерните европски безбедносни сервиси и кадровски екипирана согласно високите НАТО стандарди, Агенцијата за национална безбедност целокупните свои капацитети ги насочува кон следење на современите безбедносни предизвици и подготвеност за брз и ефикасен одговор на потенцијалните закани и ризици по безбедноста на државата и нејзините граѓани. Со плански реализираните активности во изминатиот едногодишен период и со постојаната надградба на сопствените нормативни, кадровски и информатичко технички капацитети Агенцијата е во целост подготвена да одговори на потенцијалните закани како професионален, независен и отчетен безбедносен сервис во согласност со законската регулатива и со почитување на високи етички и професионални стандарди. Каква е безбедносната состојба од ваш агол? – Создавањето на безбедна средина претставува наш императив, што не е едноставна задача во услови на комплексно безбедносно опкружување, на глобализација и дигитализација, но и на глобален натпревар за економски баланс, владеење со информацијата и зголемување на моќта на недржавните чинители. Во ваков динамичен и непредвидлив контекст се следат геополитичките односи, развојот на настаните на терористички и екстремистички план, примената на нови технологии со можна двојна намена, како и современите форми на сериозен и организиран криминал и коруптивно однесување со потенцијал за нарушување на економската безбедноста на државата. Имајки го предвид наведеното, како и збиднувањата поврзани со продолжената изборна кампања, кризната и подоцна, вонредната состојба поврзана со напорите за надминување на Ковид 19 пандемијата со пропратните економски и социјални придружни ефекти се наметнува оценката дека во овој период има(в)ме стабилна безбедносна состојба во земјата. Колку вашето искуство како дипломат од кариера, своевремено прв разузнувач на АР Ви користи во контактите и соработката со другите агенции? – Искуството на носителите на јавна функција во различни средини се перцепира различно, зависно од демократската зрелост, политичката култура, воспоставените практики … Во дадениов случај, поминатите две и пол децении во дипломатска служба и претходно воспоставената лична комуникација со влијателни личности на раководни позиции во политиката, дипломатијата и безбедноста секако дека се од голема полза. Што и недостига најмногу на агенцијата, кадар, опрема, обуки или слобода независност во работењето ? – АНБ е нов самостоен орган на државна управа со прецизно утврдени надлежности согласно постојното законско решение. Изоден е значаен дел од реформскиот пат, се обидуваме со напорна работа да одговориме на сложените безбедносни задачи, со чесен и професионален однос да ги надминеме да ја промениме воспоставената перцепција и предрасудите од минатото, да креираме атмосфера на доверба и да обезбедиме поддршка од граѓаните како партнер во заштитата на безбедноста на државата. Од друга страна, имаме воспоставено атмосфера на целосна доверба со сите релевантни општествени чинители и имаме слободен простор за целосен професионален пристап, без никакво мешање, сугестии и притисоци од страна. Досега беа направени значајни чекори на планот на етаблирање, соодветно кадровско и техничко екипирање, институционално позиционирање, и успешно отпочнување со работа. Сепак, со оглед на тоа што живееме во ера на брзи и непредвидливи промени кои не познаваат граници, во сложено безбедносно опкружување исполнето со низа предизвици, закани и ризици со растечки потенцијал, во ера на глобализација и дигитализација со галопирачко зголемување на моќта на недржавните чинители имаме реална потреба од планско инвстирање, и во кадар, и во опрема, и во обуки… Каква е соработката со агенциите од регионот? – Во изминатиот перид направен е значаен исчекор на планот на воспоставување на интензивна соработка со странски безбедносни сервиси, пред се од земјите од непосредното и пошироко соседство, како и од земјите членки на НАТО.По полноправното членство во НАТО, АНБ стана составен дел и рамноправен партнер на безбедносно разузнавачкиот сегмент на Алијансата. Кои се вашите приоритети за претстојната година? – Во периодот пред нас една од клучните задачи ќе биде финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект, како и кадровско доекипирање, континуирана кадровка обнова и соодветна обука за делување согласно високите НАТО стандарди. Не помалку важно е техничкото доопремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани во услови на исклучително динамичен техничко – технолошки развој. Останува како задача и дозаокружување на процесот на донесување на подзаконски и интерни акти поврзано со претходно донесување на одредени законски решенија од други области, како и иницирање соодветни законски решенија заради целосно усогласување со одредени одредби содржани во Законот за АНБ.Сето ова, ќе биде проследено со натамошно континуирано растење преку унапредување на процесот на оперативно и оперативно аналитичко работење, натамошно јакнење на меѓуинституционалната и меѓународна соработка, целосна отвореност кон институциите задолжени за надворешна контрола и соодветна медиумска транспарентност. Во текот на предизборната кампања слушнавме многу нелегални снимки на разговори на претставници и на власта и на опозицијата, многумина кампањата ја нарекоа „бомбашка” јасно е дека во земјава има нелегално прислушување? Како тоа се протнува покрај вас? – Анализата на материјалите покажува дека се работи за документирана комуникација од временски период пред отпочнувањето со работа на АНБ и дека истите не потекнуваат од примена на институционални мерки.Сепак, со оглед на местото и улогата на Агенцијата во безбедносниот систем останува да се утврди потеклото и начинот на обезбедување, како и обврската да се оневозможи каква било примена на вакви активности надвор од законот во иднина. Работата ја почнавте со низа обвинувања за кадровски решенија, односно дека има вработени за кои има кривични пријави, некои со двојно државјанство, но и за мала застапеност на припадниците на албанската етничка заедница.Каква е состојбата по една година? – Работата на безбедносните служби секогаш е предмет на јавен интерес и честопати на критики кои во многу случаи се основани.Но, тоа не беше случај во примерите кои ги посочувате.Промените при формирањето на Агенцијата беа радикални, и секогаш кога има радикални промени, сосем очекувано е да има отпор од оние кои се опфатени од истите.Меѓу селектираните нема ниту еден случај со двојно државјанство иако за жал, поради законското решение моравме да се откажеме од неколку кандидати со долгогодишно искуство и со професионален профил неопходен за нашето работење.Не беше воопшто основана ниту забелешката во поглед на застапеноста на останатите етнички заедници, затоа што како што и тогаш аргументирав, ние уште на самиот почеток на работа ја зголемивме таа бројка за неколку проценти во однос на претходниот период.Во изминатиот осум месечен период, поради законските одредби во Изборниот закон и Законот за корупција и спречување на судирот на интереси не беше возможно да се вршт нови вработувања.Но, како што претходно споменав, кадровското доекипирање, континуираната кадровска обнова и соодветна е еден од нашите приоритети и при реализација на истите ке се води сметка и за соодветна и правична етничката и родовата припадност, но пред се со почитување на критериумите за стручност и компетентност. Се менува нешто во критеримите за прием во иднина, по процесот на ветинг станува константа? – Условите и постапките за засновање работен однос во Агенцијата се прецизно законски дефинирани.Истото се однесува и во поглед на ветингот кој е пропишан во член 69 од Законот за АНБ и кој по формалното членство во НАТО се спроведува согласно највисоките НАТО стандарди. При вработувањето предвидовте спроведувањето на полиграфското испитување и тест за интегритет, како течат овие процеси? – Во изминатиот период беа преземени потребните активности и постапките за обезбедување и примена на истите се во тек. Полиграфското тестирање и тестот за интегритет се исто така законски пропишани, иако беа проследени со предизвици во имплементиацијата поради недостаток на соодветни нормативни, кадровски и технички ресурси во земјата, потребната од подолготрајна временска подготовка за реализација на истите, како и спецификите на безбедносната професија. Најавивте дека ќе се вработуваат во АНБ најдобрите студенти кои ќе покажат интерес, има ли новопримени млади кадри? – Да, и остануваме на таа определба.Досега се склучени Меморандуми за соработка со Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски, а подготвени се текстови на Меморандуми за соработка и со Тетовскиот и Штипскиот Универзитет, но потпишувањето беше одложено поради одредбите во Изборниот закон кои санкционираат вакви активности во изборен период. Помеѓу другото, со ваквата заложба сакаме да пратиме и порака дека местото на младите луѓе е во татковината и дека, за најдобрите секогаш ќе има место институциите во кои во демократските општества е чест да се работи. Неодамна излеговте со соопштение како одговор на обвинувањата од страна на сега поранешниот техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека АНБ не располага со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на опeраторот.Имате-немате доволно опрема? – Изјавата и наводите на тогашниот технички министер за внатрешни работи беа целосно неосновани и политички мотивирани.Во оваа прилика можам само уште еднаш да ги повторам наводите содржани во соопштението дека согласно Законот за Оперативно техничката агенција, целата опрема е предадена на ОТА уште во октомври 2018 година. „Во записникот за примопредавање на опремата е заведено и дека се предадени и медијациските уреди, сопственост на телекомуникациските оператори, кои до тогаш се наоѓале во МВР односно УБК.Примопредавањето е вршено под надзор на Комисија во чиј состав, покрај другите имало претставници на Врховниот суд и парламентарната комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.Исто така, Агенцијата нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција”. Впрочем, и јавниот обвинител во постапката по писменото известување на техничкиот министер оцени дека наводите во истото се неосновани. Она што ја прави современа АНБ е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола, колку досега средби односно контроли се направени од страна на овие институти, и каква е соработката со овие тела ? – Остварена е успешна соработка и со контролните тела над работата на АНБ при што е манифестирана целосна подготвеност од наша страна за реален увид во сите активности на Агенцијата. Карактеристика на изминатиот период беше интензивната комуникација и соработка со Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, како и со Комисијата за надзор на мерките за следење на комуникациите. За илустрација, ќе споменам дека во периодот до распуштањето на Собранието поврзано со предвремените избори имав десетина средби со членовите на двете парламентарни надзорни комисии, што е повеќе од средбите на сите директори на поранешна УБК заедно. Се надевам дека и со новиот парламентарен состав ќе продолжиме во иста насока, а воедно цврсто верувам дека претстојнитеите преговори за членство во ЕУ ќе ни бидат дополнителен катализатор за унапредување во овој значаен исчекор. АНБ се уште е во старите простории на МВР, а е самостојна агенција надвор од рамките на МВР, како дел од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во нашата држава. Има ли некакви шанси во скоро време да добиете нов, свој простор? -Имплементацијата на концептот на функционирање на Агенцијата како самостоен орган на државна управа покрај останатото, вклучува и физичко, односно просторно одвојување од МВР. Во оваа насокаво текот на изминатата година беа преземени соодветни активности за обезбедување соодветен објект и со одлука на владата истиот беше отстапен за потребите на Агенцијата. Со отпочнувањето на изборниот процес, а имајќи ги предвид надлежностите на техничката влада овие активности беа запрени, а поради вонредните околности поврзани со напорите за менаџирање на пандемијата со Ковид 19, одлагањето, за жал се пролонгира. Оттука, финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект ќе биде на врвот на нашата, и секако, на агендата на Владата во претстојниот период.Притоа, свесни сме дека притоа мора да се води сметка за потребите за справување со пандемијата со коронавирусот и стабилноста по тоа прашање.Сапак, се надевам дека наскоро ќе го правиме следното интервју во новите простории. Може ли да ни го појасните процесот на добивање односно издавање на безбедносните сертификати, важни за вработените или за вработување во АНБ? – Согласно одредбите во Законот за класифицирани информации постапката за издавање на безбедносни сертификати вклучува повеќе активности.За издавање на безбедносен сертификат за пристап до соодветен степен на класифицирани информации, заинтересираното физичко или правно лице поднесува писмено барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.Исполнувањето на условите за издавање на безбедносен сертификат се утврдува преку безбедносна проверка.Безбедносната проверка се врши врз основа на претходна писмена согласност од физичкото или правното лице кое поднело барање за издавање на безбедносниот сертификат. Повеќе информации на следниот линк.
Потпишан Колективниот договор за вработените во Агенцијата за национална безбедност
Денес во Скопје на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност и првата годишнина од формирањето, Директорот на Агенцијата за национална безбедност Д-р Виктор Димовски и Претседателот на МАкедонскиот полициски синдикат, Д-р Марјан Кицев го потпишаа Колективниот договор за вработените во АНБ.
Обраќање на Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност
Почитуван Претседателе на РСМ г-дине Стево Пендаровски,
Почитуван Претседателе на Владата г-дине Зоран Заев,
Почитуван прв вице Премиер г-дине Артан Груби,
Почитувани членови на Владата,
Драги гости и претставници на надзорни органи и тела над работата на Агенцијата, претставници на дипломатскиот кор и на партнерски служби,
Почитувани колеги,
Дами и господо,
Дозволете ми на почетокот, заблагодарувајќи се за Вашето присуство да го честитам 1 Септември – денот на Агенцијата за национална безбедност, кој воедно е и ден на основањето на Агенцијата.
На денешен ден, точно пред една година, Агенцијата започна со својата работа. Беше недела, неработен ден за повеќето професии во земјата, но не и за вработените во Агенцијата.
"Безбедноста на државата и граѓаните не познава неработни денови и празници", реков тогаш, и оттаму ", сите капацитети на Агенцијата, согласно Законот за нејзино основање и согласно внатрешните акти за оперативност" беа ставени во полна функција.
Денес, една година потоа, можам да кажам дека е направен целосен дисконтинуитет со состојбите од минатото и дека капацитетот и ресурсите на Агенцијата се целосно ставени во функција на заштита на националната безбедност, односно заштита на независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните права и слободи на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.
Во изминатиот едногодишен период беа направени неопходните чекори на планот на усогласување и усвојување на подзаконската и интерна регулатива што овозможи сите натамошни активности да се реализираат согласно новата законска поставеност на Агенцијата. Во овој контекст, беа преземени чекори за кадровско доекипирање со преземање на кадри од Министерството за внатрешни работи и другите институции од државната и јавна администрација и извршена селекција и прием на нов кадар, дел од кои од редот на најдобрите студенти на македонските универзитети. Воспоставен е процес на континуирани обуки на вработените заради нивна професионална надградба за работење согласно највисоките НАТО стандарди. Направен е значаен исчекор на планот на воспоставување на меѓуинституционална соработка со релевантни институции во земјата и отпочната интензивна соработка со странски безбедносни сервиси, пред се од земјите од непосредното соседствои од земјите членки на НАТО. По полноправното членство во НАТО, Агенцијата стана составен дел и рамноправен партнер на безбедносно разузнавачкиот сегмент на Алијансата. Остврена е успешна соработка и со контролните тела над работата на АНБ при што е манифестирана целосна подготвеност од наша страна за реален увид во сите активности (за илустрација, ќе споменам дека во периодот до распуштањето на Собранието поврзано со предвремените избори имав десетина средби со членовите на двете парламентарни надзорни комисии, што е повеќе од средбите на сите директори на поранешна УБК заедно). Искажана е подготвеност и за потребната транспарентност со медиумите соодветно на спецификите и стандардите кога станува збор за безбедносните сервиси. И конечно, направен е значаен исчекор на планот на заштита на правата на вработените со усогласувањето на текстот и денешното потпишување на колективниот договор со Синдикатот.
И сето ова, во услови на пролонгиран изборен процес, воведена кризна состојба на еден дел, а потоа и вонредна состојба на целата територија на земјата поради неизвесноста и предизвиците поврзани со Ковид 19, кога моравме да водиме сметка и за здравјето на вработените и за потребата да останеме целосно функционални и капацитирани за да можеме да се носиме со задачите и предизвиците од наша законска надлежност.
А тие, во светот во кој живееме се растечки, брзи, комплексни, динамачни, во голема мера непредвидливи. Трендот на глобализација доведе до интернационализација на севкупните закани кои постојано се зголемуваат по простор и време...се соочуваме со секојдневен пораст на закани и ризици од аспект на тероризам, радикализам и екстремизам, сајбер закани, организиран криминал, пролиферација, илегална миграција. Сериозноста на сите овие феномени и опасностите кои со себе ги носат во даден општествен момент можат да ја нарушат општествената кохезија, демократијата и економијата како фундаменти на стабилноста и безбедноста.
Оттука и важноста на подготвеноста, мобилноста, мотивираноста и посветеноста на вработените на АНБ, но и на другите безбедносни субјекти кои го претставуваат најчувствителниот безбедносен штит на државата.
Почитувани,
Изразувајќи задоволство од досега сработеното, дозволете ми накратко да се осврнам и на она што не очекува во периодот пред нас:
- Финализирање на активностите за просторна дислокација на АНБ во нов објект,
- Кадровско доекипирање, континуирана кадровка обнова и соодветна континуирана обука за за делување согласно високите НАТО стандарди,
- Техничко доопремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани во услови на исклучително динамичен техничко - технолошки развој,
- Заокружување на процесот на донесување на подзаконски и интерни акти поврзано со претходно донесување на одредени законски решенија од други области, како и иницијативи за одредени законски решенија заради целосно усогласување со одредни одредби содржани во Законот за АНБ.
Сето ова, следено со натамошно растење преку унапредување на процесот на оперативно и оперативно аналитичко работење, натамошно јакнење на меѓуинституционалната и меѓународна соработка, целосна отвореност кон институциите задолжени за надворешна контрола и соодветна медиумска транспарентност.
Во оваа насока очекуваме натамошна силна поддршка, пред се од Владата, но и од останатите институции во државата.
А од наша страна, од името на вработените во Агенцијата и во мое лично име,би сакал уште еднаш да ја подвлечам определбата, мотивираноста и подготвеноста да истраеме на патот на кој се наоѓаме, изградба на современа, модерна безбедносна служба, способна да се носи со сите современи предизвици во функција на заштита на безбедносните интереси на Република Северна Македонија и сите нејзини граѓани.
Дозволете ми на крајот, уште еднаш, да се заблагодарам што ја прифативте поканата и што денеска, со вашето ценето присуство придонесовте, нашиот празник, Денот на Агенцијата за национална безбедност да биде уште позначаен и посвечен.
Благодарам
Обраќање на Претседателот на Владата Зоран Заев на свеченоста по повод одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност
Изјави за медиумите на Претседателот на Владата Зоран Заев и Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски по повод одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност и првата годишнина од формирањето
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Министерството за надворешни работи
На 09.06.2020 година потпишан е Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност, претставувана од директорот Виктор Димовски и Министерството за надворешни работи, претставувано од министерот Никола Димитров, со кој ја потврдија заедничката заложба за воспоставување на непосредна соработка во функција на заштита на националната безбедност на државата. Овој Меморандум претставува основа за развивање и унапредување на односите и остварување на заштитата на правата и интересите на Република Северна Македонија во меѓународните односи со државите, меѓународните органи, организации и заедници, размена на искуства во зачувувањето на суверенитетот, самостојноста, територијалниот интегритет и уставниот поредок, соработка во доменот на стручното оспособување и усовршување на професионалните кадри како и упатување на работници на Агенцијата во дипломатско-конзуларни претставништва за извршување на специфични безбедносни и информативни работи од интерес на Република Северна Македонија.
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот "Св.Климент Охридски"
На 27 јануари 2020 година, во просториите на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола, директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски и ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, проф. д-р Сашо Коруновски потпишаа Меморандум за соработка. Со потпишување на овој Меморандум, се поттикнува и се афирмира меѓусебната соработка во повеќе области од заеднички интерес како што се: едукација на кадри, изработка на стратешки документи од областа на безбедноста, научно-истражувачка и апликативна дејност, заемна експертска помош, користење на библиотечен фонд, организирање тркалезни маси, дебати, конференции и други заеднички настани, како и профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот, за потребите на Агенцијата. Соработката ќе овозможи искористување на професионалните, стручните и наставните кадри, како и материјално - техничките и просторните потенцијали на двете институции, во насока на унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности со цел извршување на работите од својата законска надлежност. Повеќе за настанот на следниот линк.
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Универзитетот "Св.Кирил и Методиј"
На 24 јануари 2020 година, во просториите на Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", директорот на Агенцијата за национална безбедност, д-р Виктор Димовски и ректорот на Универзитетот "Св.Кирил и Методиј", проф.д-р Никола Јанкуловски потпишаа меморандум за соработка. Со меморандумот се потврдува заедничката заложба за унапредување на соработката во областа на едукацијата на кадри заради ефикасно спроведување на надлежностите утврдени со Закон и се креира формално правна рамка за взаемна помош и поддршка во повеќе области од заеднички интерес, изработка на стратешки документи од областа на безбедноста, научно-истражувачка и апликативна дејност, взаемна експертска помош како и профилирање на професионален кадар од редовите на студентите на Универзитетот, за потребите на Агенцијата. Фотографии од настанот
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за национална безбедност и Министерствотo за внатрешни работи на Република Северна Македонија
01.09.2019, Скопје
Обраќање на Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност по повод почетокот на работата на Агенцијата, Влада на РСМ
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,
На почетокот сакам да Ви се заблагодарам за интересот и присуството на денешната прес конференција.
Воедно, сакам да се заблагодарам и на членовите на двете Комисии формирани од Владата, Комисијата за изработка на актите на АНБ и Комисијата за селекција на вработените од УБК кои се преземаат во Агенцијата за национална безбедност, (кои во изминатите два месеци извршија огромна работа и кои) заедно со новиот заменик директор на АНБ (кој од денес стапува на должност) присуствуваат на денешната прес-конференција.
Првата Комисија (за изготвување на акти) во законски предвидените рокови ги изработи, а Владата ги усвои основните акти за функционирање на Агенцијата
- Уредба за организација и работа на Агенцијата за национална безбедност,
- Правилник за систематизација на работните места на Агенцијата за национална безбедност и
- Одлука за утврдување на вредност на бодот за пресметување на основната плата за работните места во Агенцијата за национална безбедност.
Втората Комисија (за селекција на работници од УБК кои се преземаат во АНБ ( а во чиј состав беа и двајца пратеници на предлог на надлежното работно тело на Собранието на Република Северна Македонија за надзор на работата на Агенцијата, како и двајца претставници на Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат во Министерството), постапувајќи согласно член 186 став 7 и 10 од Законот за АНБ изврши селекција и избор на потребниот број на работници за функционирање на АНБ во постапка која вклучуваше спроведување на ветинг во согласност со највисоките безбедносни стандарди.
Успешното завршување на работата на двете комисии во навистина кратките временски рокови утврдени со Законот за АНБ овозможи навремено отпочнување на работата на новата безбедносна институција.
Почитувани,
Mи претставува посебна чест што, како директор на Агенцијата за национална безбедност, денеска, на 1 септември 2019 година, можам да соопштам дека од денеска Агенцијата започнува со својата редовна работа.
Иако за повеќето професии во земјата недела е неработен ден, тоа не важи за Агенцијата за национална безбедност. Сите капацитети на Агенцијата, согласно законот за нејзино основање, и согласно внатрешните акти за оперативност, од денеска се ставени во полна функција.
Безбедноста на државата и на граѓаните не познава неработни денови и празници, и оттаму денешниот ден е првиот работен ден на вработените на Агенцијата. По тој повод им упатувам честитки на сите вработени и им посакувам успешна работа на планот на заштитата на националната безбедност на државата, односно заштитата на независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот.
Дозволете ми да кажам дека денешниот ден е и историски ден. Денеска можеме и со право да кажеме дека завршува клучната фаза во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја и дека Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни и групни интереси, конечно заминуваа во историјата.
Велам злоупотребена, бидејќи во одредени периоди во минатото и посебно, за време на владеењето на претходната власт, граѓаните и земјата беа, на одреден начин, жртви на злоупотребата на капацитетите, ресурсите и еден дел од вработените во Управата.
Од денес започнува нова ера во оваа област. Агенцијата за национална безбедност е самостојна агенција, надвор од рамките на МВР, како дел од завршницата на реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија.
Со ова се прави уште еден исчекор да се надминат недостатоците утврдени во извештаите на Европската комисија за Република Северна Македонија, и преку изградба на нови институции да се направи дисконтинуитет со одредени состојби својствени на заробени држави и да се овозможи целосна заштита на правата и слободите на граѓаните, а не нивна злоупотреба.
Агенцијата во рамки на делокругот на своето работење ќе се посвети на имплементирањето и спроведувањето на реформите согласно европските безбедносни стандарди, со што како фактор на стабилност во регионот ќе даде придонес во севкупниот процес за интеграција на нашата земја во НАТО и ЕУ.
Претходно, согласно препораките од Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе и согласно мерките во владините планови 3-6-9 и Планот 18 е формирана и Оперативно техничката агенција (ОТА) со што се разби монополот односно концентрацијата на моќта која досегашната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите. Тоа е гаранција дека веќе нема незаконско прислушување.
Она што ја прави современа и во служба на граѓаните и интересите на државата е воспоставениот систем на парламентарна и граѓанска контрола на работењето на Агенција. Во таа смисла, Агенцијата ќе биде постојано отворена за увид во нејзината работа и ќе ги почитува високите законски стандарди за таа цел.
Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница.
Сакам уште да нагласам дека процесот на реформи на безбедносниот сектор сепак, не завршува со денот на отпочнување со работа на Агенцијата за национална безбедност.
Реформата подразбира развоен концепт на постојано унапредување на расположливите капацитети на безбедносниот систем, систем кој може да се справи со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност.
Во овој процес од исклучителна важност е чесноста и професионалниот интегритет на секој припадник на Агенцијата кој со својот углед ќе ја обезбеди поддршката и довербата на граѓанинот како партнер во заштитата на безбедноста на државата.
Почитувани,
На крајот од денешното обраќање би сакал уште еднаш, да ја нагласам мојата увереност дека со работата на Агенцијата за национална безбедност во целосна согласност со уставната и законската рамка во нашата земја и со целосно почитување и спроведување на основните европски вредности ќе демонстрираме не само определба, туку и капацитет да се носиме со сложените безбедносни предизвици во претстојниот период.
Благодарам.