
Агенцијата за национална безбедност и Црвениот крст склучија Меморандум за соработка, со кој се воспоставува ново ниво на стратешко партнерство меѓу двете институции. Овој документ создава основа за поинтегриран и поефикасен пристап во справувањето со современите безбедносни и хуманитарни предизвици со кои се соочува државата.
Со Меморандумот се предвидува засилена институционална координација, размена на експертиза и знаења, како и заедничка подготовка и делување во случаи на кризни ситуации, природни катастрофи, масовни несреќи и други ризици што бараат брза, усогласена и професионална реакција. Со ова, двете институции создаваат услови за значително подобрување на националните капацитети за превенција, рано предупредување и оперативно постапување.
Агенцијата за национална безбедност и Црвениот крст ја изразуваат својата заедничка заложба за зајакнување на хуманите вредности, унапредување на системите за заштита на населението и обезбедување сигурна и стабилна средина за сите граѓани. Посебен акцент е ставен и на промоцијата на меѓународното хуманитарно право, едукацијата на јавноста и развивањето на култура на солидарност и општествена одговорност.
Со потпишувањето на овој Меморандум, Агенцијата за национална безбедност и Црвениот крст го потврдуваат своето долгорочно партнерство и иницијативата за заедничко градење поотпорно и подготвено општество. Двете институции остануваат посветени на мисијата да работат во интерес на националната безбедност, хуманоста и благосостојбата на сите жители на Македонија.