Попречени хибридни активности на недржавни прокси актери

По претходно обезбедени информации на Агенцијата за национална безбедност, кои укажуваа на субверзивно-пропагандни активности во земјава на домашни и странски недржавни актери, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи/БЈБ, синхронизирано презедоа организирани мерки и активности за кривично-правен прогон на лица и одземање на пропагандни материјали кои имаат за цел да предизвикуваат етничка и национална нетрпеливост, раздор и омраза меѓу граѓаните.

Лицата опфатени во кривичната пријава преку печатење и дистрибуција на пропаганден материјал планирале да поттикнат омраза кон македонската држава и идентитет и предизвикување на тензии, а преку социјалната мрежа Facebook, на страната „Историски податоци за Македонија“ споделувале содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација.

Наведените активности биле поттикнати во координација и по насоки на бугарски државјанин, кој подолг период на социјалните мрежи и преку бот мрежа на информативни портали спроведува пропагандни активности со цел поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство помеѓу македонските и бугарските граѓани во двете земји, од позиција на недржавен прокси актер во функција на хибридно поткопување на стратешките евро-интегративни процеси на Македонија и загрозување на европската безбедност.

Агенцијата во соработка и координација со други надлежни органи ќе продолжи да презема мерки и активности со цел детектирање и спречување на вакви слични дејствија со кои се дискредитираат и повредуваат чувствата на граѓаните, но и се загрозува националната и регионалната безбедност.

en_GBEN