
По претходно обезбедени сознанија од страна на Агенцијата за национална безбедност во координација со Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи- Биро за јавна безбедност, на 15.12.2024 година, беше спроведена акција на подрачјето на градовите Гостивар и Струга во која беа опфатени и лишени од слобода четири лица, под сомнение дека биле инволвирани во активности поврзани со тероризам.
Заради превенција од извршување на терористички активности, АНБ во соработка и преку размена на сознанија со партнерски служби во изминатиов период кон овие лица презеде засилени оперативни мерки и активности.
Лицата се идеолошки надоврзани на терористичката организација „Исламска држава/ИСИС“ и во изминатиот временски период преземаа активности за верско-радикална индоктринација на млади лица, како и подготвителни дејствија во врска со изведување на насилни активности кои содржат елементи на тероризам.
Во текот на понатамошната постапка, надлежните правосудни органи во координација со Министерството за внатрешни работи, преземаат мерки и активности за спроведување на дополнителни истражни дејствија во однос на предметните лица.
Агенцијата за национална безбедност во рамки на своите надлежности и ингеренции за рано превенирање и заштита на безбедноста на државата и граѓаните, останува посветена и континуирано презема сет од мерки и активности, вклучително и за детектирање на on line пропаганда и содржини кои се поврзуваат со меѓународни терористички организации и имаат за цел регрутирање, инспирирање или поттикнување на тероризам.
Современите безбедносни закани ја потенцираат важноста од соработка со домашни и странски партнерски институции, а Агенцијата останува посветен и кредибилен партнер во насока на превенирање и попречување на закани по националната безбедност.