
Агенцијата за национална безбедност денеска потпиша два Меморандуми за соработка – со Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и со Филозофскиот факултет – Институт за безбедност, одбрана и мир при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со ова партнерство се воспоставува долгорочна и стратешка рамка за унапредување на академската и професионалната соработка во областите поврзани со националната и меѓународната безбедност.
Соработката со Воената академија предвидува развој и поддршка на кадар со безбедносна и аналитичка експертиза, како и можности за вклучување во оперативно-аналитички активности и специјализирани програми за обука.

Меморандумот со Филозофскиот факултет – Институт за безбедност, одбрана и мир опфаќа практична поддршка за студентите, пристап до стручна литература и академски ресурси, заедничка работа на значајни стратешки документи од областа на безбедноста, како и препораки и вклучување на студентски и наставно-научен кадар во проекти и активности од заемен интерес.
Потпишувањето на овие два Меморандума претставува значаен чекор во обединувањето на институционалните, научните и образовните капацитети, со цел зајакнување на националниот безбедносен систем и развој на современи експертски решенија во интерес на државата.