
На 1 септември 2025 година, во Клубот на пратеници во Скопје, свечено беше одбележан Денот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Присутните на настанот имаа можност да се запознаат со досегашната работа на Агенцијата, постигнатите резултати, тековните проекти и идните планови, а на свеченоста присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри, директори на институции, членови на Парламентот, претставници на судската власт, академската и стручната јавност, дипломатскиот кор, како и меѓународни и стратешки партнери на Агенцијата.
(Достапен превод на англиски)
Директорот на Агенцијата за национална безбедност, г. Бојан Христовски во своето обраќање ја нагласи потребата од постојано унапредување и вложување во човечките, техничките и материјалните ресурси за успешно справување со современите безбедносни предизвици.




„Ова претставува одлична можност да извршиме рекапитулација на сè што беше реализирано, но и да ги претставиме идните планови и идеи. Изминатава година, покрај постигнатите оперативни резултати, паралелно ги надминувавме и затекнатите недостатоци. Спроведуваме кадровско доекипирање, ги зајакнавме контролите врз работата на Агенцијата и инвестираме во технолошка опрема и инфраструктура во согласност со НАТО и ЕУ стандардите,“ истакна директорот Христовски.
Тој посочи дека Агенцијата ја исполни и обврската од Законот за АНБ – воведување полиграфско тестирање во процесот на селекција на кадар и проверка на професионалниот интегритет на вработените. Дополнително, беа реализирани повеќе успешни оперативни акции со кои беа попречени терористички намери и активности на криминални групи со транснационален карактер.
„Нашата работа не се гледа, не се слуша, не се најавува. Но, таа е тука – и благодарение на неа, граѓаните можат да живеат и создаваат без страв. Нашата мисија е исполнета кога имаме безбедна држава и безбедни граѓани,“ додаде Христовски, повикувајќи ги граѓаните да ја користат новата алатка за контакт на веб-страницата на АНБ и да се вклучат во превенцијата на заканите преку доверба и поддршка на институцијата.





Во знак на благодарност за поддршката, на свеченоста беа доделени плакети на претставници од државниот врв и институциите, а благодарници им беа врачени и на вработени од АНБ за нивниот професионален труд и посветеност.
Со одбележувањето на Денот на Агенцијата за национална безбедност уште еднаш беше потврдена мисијата на АНБ – да биде современа, независна, транспарентна и професионална институција, чија основна задача е заштитата на државата и безбедноста на граѓаните.
