Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Управата за извршување на санкциите и Агенцијата за национална безбедност

Во просториите на Управата беше официјализирана новата соработка со потпишување на Меморандум за разбирање и партнерство од страна на директорот на Управата, Александар Пандов и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

Со овој значаен чекор се поставува основа за унапредување на институционалната координација и заедничко дејствување во заштитата на националната безбедност. Меморандумот има за цел развивање и унапредување на институционалната соработка, усогласување на активностите согласно законските надлежности на двете институции и обезбедување интегриран пристап кон заштитата на националната безбедност.

Партнерството предвидува размена на податоци и информации од значење за националната безбедност, идентификување и дефинирање на заеднички приоритети, зајакнување на борбата против тероризмот и спречување на насилен екстремизам и радикализација во казнено-поправните установи. Дополнително, предвидено е организирање специјализирани обуки, програми за размена на искуства и изработка на заеднички стратешки документи и акциски планови.

Со потпишувањето на овој меморандум се испраќа јасна порака дека институциите во државата делуваат заедно, одговорно и координирано, со цел обезбедување стабилност, сигурност и поуспешна борба против современите безбедносни предизвици.

mk_MKMK