




Во рамките на редовната агенда, денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, присуствуваше на втората седница на Советот за безбедност во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на која беше отворена сеопфатна дискусија за актуелните безбедносни предизвици, климатските ризици и процесот на европска интеграција.
Седницата, која траеше повеќе од два и пол часа, помина во динамична размена на информации и ставови за безбедносните дилеми во светот и нивното влијание врз регионот и државата. И покрај геополитичките тензии, особено во Босна и Херцеговина, Косово и Србија, учесниците се согласија дека регионалната безбедност, како и безбедносната состојба во земјава, остануваат стабилни и под контрола.
Сериозно внимание беше посветено на зголемениот број пожари во земјата и регионот.
Претседателката Сиљановска-Давкова изрази загриженост дека дел од пожарите, според првичните индиции, се можеби намерно предизвикани. Владата информираше за систем на превенција кој вклучува употреба на камери и дронови, како и за планови за измена на законската рамка за управување со кризи. Беше презентиран и нов проект за современ интегрален информативен систем за рано предупредување од временски непогоди, кој ќе користи вештачка интелигенција и податоци добиени со поддршка од експертски тимови од ФИНКИ.
Во однос на европската агенда, членовите на Советот се согласија дека реформите, особено во областа на владеење на правото, остануваат клучни за напредокот кон ЕУ. Беше потенцирано дека ефективното спроведување на законите и усогласеноста со мислењата на Венецијанската комисија и ГРЕКО се од исклучителна важност. Се укажа и на потребата од поголема активност на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања во Собранието, со цел да се обезбеди навремена реакција и конструктивен дијалог околу европската агенда.
Седницата заврши со заклучоци и препораки по сите три точки на дневниот ред, при што беше нагласено дека Советот за безбедност ќе продолжи со редовно следење и предлагање мерки во функција на заштита на безбедноста, стабилноста и напредокот на државата.