Агенцијата за национална безбедност продолжува да ја јакне безбедноста и стабилноста во државата

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, учествуваше на денешната седница на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, на која свое обраќање имаше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Премиерот ја потенцираше заложбата на Владата и на сите надлежни институции за координирано и одговорно дејствување во справувањето со безбедносните ризици, нагласувајќи дека крајната цел е стабилна, сигурна и правична држава.


Во тој контекст, беше истакнато дека Националниот комитет не е само формално тело, туку оперативен инструмент со конкретна улога во системот на национална безбедност. Безбедносниот систем, како што беше заеднички нагласено, не смее да остане на ниво на декларација, туку тој мора да функционира. АНБ, како стратешки дел од тој систем, има клучна улога во препознавањето на ризиците, навремената реакција и обезбедувањето на долгорочна заштита за граѓаните и уставниот поредок на државата.


На седницата беше потенцирано дека насилниот екстремизам, тероризмот и корупцијата се комплексни закани, кои често се поврзани со институционални слабости.Нивното спречување бара не само технички мерки, туку и суштинско јакнење на институционалните капацитети, владеење на правото и долгорочна борба против клиентелизмот и злоупотребите. Во таа насока, како значајна потврда беше наведена и последната оцена од страна на ГРЕКО – Групата на држави против корупција при Советот на Европа.


Овој извештај го препознава напредокот на земјава во воспоставување на систем што не само што постои, туку и ефикасно функционира. Агенцијата за национална безбедност останува целосно посветена на својата мисија да обезбеди стабилна, безбедна и правична држава преку професионализам, институционална соработка и дејствување во интерес на граѓаните и државата.

mk_MKMK